До крајот на годината општина Карбинци треба да реализира неколку капитални проекти кои што во голема мера ќе го подобрат животот на жителите во оваа рурална општина.
Потребата од финансиски средства за реализирањето на овие проекти од кои дел обезбедува општината а останатите се добиени преку Министерството за локална самоуправа,Бирото за рамномерен регионален развој и Платежната агенција, беа причината за ребалансот на Буџетот за 2019 година.
Конкретно ќе се реализираат проекти во повеќе населени места, чија вредност изнесува околу 80 милиони денари, вели градоначалникот на Карбинци, Јордан Насев.
Во селото Карбинци ќе се гради пристапен пат и мост, во Крупиште нови улици, мал плоштад ќе добие селото Радање, а локални патишта ќе се градат до селото Оџалија и викенд населбата Вртешка.
„Со изгласување на ребалансот на буџетот, почнуваат постапките за реализација на 11 проекти во општина Карбинци. Очекуваме најдоцна до крајот на летото да завршат сите тендерски постапки и веќе во месец октомври ќе почнеме со градба на овие капитални објекти во општината. Рокот за градба би бил некаде околу три до четири месеци. Се надеваме дека овие капитални инвестиции ќе бидат завршени до крајот на оваа година“, вели Насев.
Дел од овие 11 проекти за кои што се обезбедени финансиски средства се во фаза на тендерски постапки а нивната реализација ќе почне во месец август.