Со пари од ИПА за прекугранична соработка, Културно информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица е опремен со апаратура за 3Д кино. Опремата е дел од заедникиот проект „Реставрација на места со историско и културно значење и зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство во Белица и Македонска Каменица“, со Народното читалиште „Георги Тодоров“ од бугарската општина Белица.
Денеска официјално беше предаден новиот кино проектор и IT опремата. Додека каменичкиот Домот на култура доби нова опрема, Белица со пари од ЕУ ја реконструкцираше зградата на Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“.
На средбата со Маја Падарева, директор на Народното читалиште во Белица и градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, изразија задоволство што проектот резултираше со набавка на нов кино-проектор што денеска и официјално беше пуштен во употреба.
– Со набавката на новата опрема за киносалата во Македонска Каменица и со реконструкцијата на зградата на Народното читалиште „Георги Тодоров 1885″ во Белица, се обезбедени подобри услови и неопходна опрема за зачувување и презентација на културното наследство во двете општини. Ме радува што проектот „Реставрација на места со историско и културно значење и зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство во Белица и Македонска Каменица” отвори нови хоризонти за двете општини, кои во иднина ќе работат на зајакнување на соработката и во други области, истакна Стаменкова.
Инаку, проектот за Нов Дом на култура во Македонска Каменица започна со изработка на проектна документација за реконструкција на старата Кино сала – проект кој беше финансиран преку IPA Програмата, комплетна реконструкција на старата Кино сала – проект кој е финансиран со финансиски средства од Светска банка, а е финализиран со набавката на новиот кино проектор и техничка опрема.