Ветерните паркови и фотоволтажните централи можат да бидат движечката економска сила на Овчеполието, но и основа  за економски развој на целиот регион.

Мерењата на ветерот во периодот од јуни 2016 година до мај 2017 година покажале дека има постојан ветер  со измерена брзина од 6,18 метри во секунда. Регионот е со 2.391 сончев час во годината. Тоа е добра основа општината Свети Николе својот локален економски развој да го базира на зелената енергија. Поради тоа, Општината веќе определила четири локации каде може да се постават ветерни паркови и фотоволтажни централи. Општината отишла чекор понатаму и како модел што сака да им го понуди на потенцијалните инвеститори е јавно приватното партнерство.

Овој модел има незначително учество во досегашното работење на македонските општини, а е сосема разработен начин на инвестирање во Европа. Алијансата за јавно приватно партнерство на Европа СКРИМ,  во Свети Николе го претстави овој модел на инвестирање пред локалните власти, заинтересираните компании и банкарскиот сектор. Зоран Јелич од Алијансата СКРИМ Европа,  вели дека јавно приватното партнерство треба да биде стратегија на општините, а идејата е јавното добро да се комерцијализира, но не и да се приватизира. Според него, европското искуство покажало дека не е проблем  доаѓањето до парите, туку немањето на проекти.

-Што се однесува до субвенциите, поголем проблем е што земјите не можат да го земат тоа што за нив е резервирано, бидејќи немаат проект. Не е проблем на недостаток на пари, туку е недостаток на одржливи проекти.

Тука е клучот, значи, како се генерираат и подготвуваат одржливи проекти. А за проектите има пари – субвенции, приватници итн.Затоа е важно јавните институции да го разберат значењето на јавно приватното партнерство во подготовката на проектите и на таков начин да го привлече развојот на својот регион, вели Јелич.

Координаторот на Алијансата СКРИМ Македонија,  Зоран Лазаревски, кажа дека повеќе од половина година работат со македонските општини на разработка на моделот на јавно приватно партнерство, според нивните идеи за инвестирање.

-За развој на инсфраструктурата кога општината е немоќна, нема свој капитал, кога општината не може да земе кредит за вакви проекти, а е потребен брз развој  бидејќи ние брзо чекориме кон ЕУ, а Унијата иницира вакви инфраструктурни проекти преку јавното приватно партнерство,кажа Лазаревски.

Општината Свети Николе, заедно со соседната Лозово веќе изработиле свои мастер проекти за привлекување на инвестиции од обновливи извори на енергија. Двете општини своите идеи, локации и административни предности ги претставија пред заинтересирани инвеститори од Португалија, Косово, Србија, Австрија, но и пред македонски претприемачи. Компаниите кои сакаат да инвестираат во Македонија и во овој регион се интересираа чии е земјиштето, дали ќе го купат или добијат на концесија, кој ќе посредува, но и не помалку важно, какво е законодавството и дали државата ги препознава обновливите извори на енергија како значен енергетски потенцијал. Општина Свети Николе, според градоначалникот Сашо Велковски,веќе е определена како местото каде ќе се гради  ветерен парк, за што владата додели концесија.Велковски вели дека Општината е сосема подготвена за инвестиции со зелена енегрија.

-Можемеда ја истуркаме оваа работа до крај и да привлечеме што е можно повеќе вакви инвеститори во општината. Свети Николе територијално е една од поголемите општини и има доволно место да привлече токму вакви инвеститори што ќе вложуваат во фотоволтажни централи и во ветерници.

Секако, тука ќе ги споменеме природните услови што ги нуди поднебјето на Овчеполието, односно брзината на ветерот што е мерено во претходните години од 6,18 метри во секунда и сончевите часови што се околу 2300 во годината, смета градоначалникот Велковски.

Идејата Свети Николе да стане центар на инвестиции од областа на обновливите извори на енергија за општината природно се наметнала со оглед на природните карактеристики. На првата средба каде се разгледуваше идејата за јавно приватно партнерство во призводство на зелена енергија беа присутни големи компании кои своите капацитети сакаат да го прошират и во Македонија. Секако, тоа во многу ќе зависи и од енергетската политика на државата, која со години го субвенционира производството на зелена енергија.