Од први јули во Штип ќе започне со работа канцеларијата за соработка со дијаспората, прва ваква во земјата.

Градоначалникот Благој Бочварски потпиша со Министерот за дијаспора Едмонд Адеми, договор за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата и Општина Штип. Канцеларијата ќе соработува со иселениците од Република Македонија кои се на постојана или привремена работа надвор од земјата.

Оваа Канцеларија ќе ги врши работите кои се однесуваат на административно-технички работи за грижа на иселениците, односно истата ќе треба да одржува комуникација со дијаспората со потекло од општина Штип, да ја информира дијаспората по однос на одредени прашања, како и да асистира во зголемување на ефикасноста при комплетирање на административни постапки и решавање на административни проблеми од различен карактер со кои се соочуваат претставниците на дијаспората, како на пример: вадење лични документи, постапки во областа на трудот и социјалната заштита, информирање за одредени закони или промени во законските решенија, информирање за можностите за инвестирање, како и информирање за конкретни културни настани кои би биле од интерес за граѓаните од дијаспората кои престојуваат во  општината. Канцеларијата ќе биде сместена во општината.

„Правиме еден крупен исчекор во насока на подобрување на условите за сите наши граѓани коишто живеат надвор од Република Македонија. Сакаме да придонесеме да имаат побрзи и подобри услуги во моментот кога тие граѓани ќе се вратат овде, во Република Македонија,“ изјави градоначалникот Бочварски.

,,Драго ми е што таа идеја која ја почнавме денеска можеме да ја ставиме во правна рамка и верувам дека многу скоро таа канцеларија ќе биде целосно во функција на сите оние наши граѓани кои живеат и работат во дијаспора, а сега летото веројатно ќе дојдат во Штип и околината и ќе можат тие неколку дена додека се тука да се посветат повеќе на семејствата, а помалку на бирократијата,“ посочи министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми.

Неофицијално од Штип во моментов се иселени над сто семејства,вели Адеми.Освен во Штип до крајот на 2018 како пилот проекет ,вакви канцеларии за соработка ќе бидат отворени во уште четири града,Тетово, Ресен, Битола и Крушево.