Свечено отворање спомен соба на првиот претседател на РМ, Киро Глигоров

Вчера свечено беше отворена спомен соба на првиот претседател на Република Македонија, нашиот сограѓанин, Киро Глигоров. На отворањето на спомен собата му претходеше пригодна церемонија, на која, покрај градоначалникот на Општина Штип, присуствуваа и претседателот на Влада на Република Македонија, Зоран Заев, ќерката на претседателот Глигоров, Донка Глигорова, како и повеќе членови на семејството на претседателот, некогашниот шеф на кабинет на претседателот Глигоров, Живко Кондев, како и повеќе членови на неговиот кабинет, дипломатот Виктор Габер и други соработници на првиот претседател на нашата земја. На свеченото отворање присуствуваа и националниот координатор задолжен за НАТО интеграции, Стево Пендаровски, министрите во Влада на Република Македонија, Љупчо Николовски и Венко Филипче, замениците-министри во Влада на Република Македонија, Јани Макрадули и Дејан Павлевски, националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски, директори на централни и локални институции, членови на Сојузот на борците од Штип, поранешни пратеници во Собрание на Република Македонија, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Блажо Боев, видни општествени чинители и многу граѓани на родниот град на првиот претседател, Киро Глигоров.
„ Денеска е празник на градот, затоа што со отворањето на оваа спомен-соба покажуваме гордост, достоинственост и зрелост со тоа што му оддаваме признание на нашиот виден и истакнат сограѓанин.
Ние, штипјани, ги цениме вистинските вредности и ги почитуваме вистинските македонски херои и патриоти. Затоа минатата година постхумно му го доделивме одличјето Орден Свети Никола на претседателот Глигоров. Со достојна почит и пиетет продолжуваме да се сеќаваме на него и на неговата суштински значајна улога во осамостојувањето на нашата земја и влогот со кој нѐ задолжи.
Претседателот Киро Глигоров е историска фигура со огромни заслуги, за коишто, што и да направиме, ќе биде малку за да му се оддолжиме и заблагодариме. Но, мораме активно да работиме на одржување на споменот на патриотизмот, храброста, мудроста и решителноста на човекот со највпечатливата биографија во современата македонска историја. Таа должност ја имаат сите граѓани на Република Македонија, но особено ние, штипјани,“ истакна во неговото обраќање градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
На свеченото отворање, свое обраќање имаше и премиерот Заев.
„Денеска е голем ден не само за Штип, туку за целата нација, за сите оние што ја сакаат и почитуваат својата татковина, за сите кои го ценат и уважуваат трудот и жртвите на генерациите пред нас, кои во аманет ни оставија држава со сите нишани, која треба да ја чуваме, унапредуваме и развиваме.
Претседателот Глигоров застана на чело на младата македонска држава во мигови кога пред неа се поставуваше прашањето „Да се биде или не?“ Неговата мудрост, огромното политичко искуство и неговиот интелект беа огромна предност и капацитет, кои помогнаа Македонија да излезе речиси негибната од крвавиот распад на Југославија и да стане меѓународно признаен ентитет, и покрај големите опструкции и предизвици кои се појавија на тој пат. Под мирната рака и водството на Глигоров успеавме да пребродиме блокади од соседите, санкции и војни во соседството, да се издигнеме над внатрешните предизвици и поделби.
Македонија во тие први години на самостојноста, иако во исклучително тешки околности, го газеше цврсто и непоколебливо својот пат кон заедницата на независни држави.
Големите сништа се одлика на големите луѓе. Но, големите луѓе не сонуваат сами. Тие вложуваат огромен труд, се вложуваат себеси и сите свои капацитети и на тој начин успеваат да ги реализираат нивните мисии за иднината. Претседателот Глигоров се вложи во целост, го ризикуваше и животот во процесот на создавање на македонската држава.
Дел од неговиот сон беше да ја види Македонија како рамноправен дел од европското и светското семејство на држави и нации. Во тоа време, Македонија влезе во Обединетите Нации и во сите важни меѓународни организации, а токму во тоа време Македонија почна да го оди патот на итнегрирањето во НАТО и Европската Унија.
Две децении подоцна, по сите голготи низ кои поминавме, се наоѓаме пред самата цел на втората етапа, на самиот праг на остварување и заокружување на таа визија. Македонија суверена и самостојна, Македонија на запад – дел од НАТО и Европската Унија, Македонија просперитетна, земја која оди напред и отвора работни можности за нејзините граѓани.
Верувам дека нашиот претседател и ваш сограѓанин ќе беше горд на овие наши постигнувања и среќен за просперитетната иднина и можностите што се отвараат пред неговите сограѓани,“ истакна во неговиот говор претседателот на Влада, Зоран Заев.
После свечената церемонија, спомен собата беше официјално прогласена за отворена, а присутните имаа можност да ја посетат и да видат изложените експонати – предмети кои му припаѓале на претседателот Глигоров, а коишто беа великодушно подарени од страна на неговото семејство.
Посетителите имаа можност и да ја разгледаат изложбата фотографии „Киро Глигоров“.

Дневни активности на јавни претпријатија
Денеска ЈП „Стипион 2011“ ќе работи на:
– Реконструкција на тротоар на Булевар „ЈНА“
– Реконструкција на мал плоштад пред пензионерски дом
– Крпење ударни дупки на локален пат за село Брест
– Санирање ограда на игралиште во Пребег
– Замена на улични светилки во градот
– Обележување хоризонтална патна сигнализација