По една година пауза, децата од Свети Николе повторно имаа можност да ги покажат своите гласовни способности и денс вештини на Шоуто за деца „Ѕвездички“. Шоуто беше во организација на Домот на културата Крсте П. Мисирков од Свети Николе, поддржано од Општината и градоначалникот Сашо Велковски.

„Оваа година фестивалот се обновува, голема благодарност до сите учесници и нивните ментори. Со директорот на Домот на културата Ангел Банов се договоривме да има вредни награди, јас сум убеден дека догодина ќе бидат уште поголеми. Се надевам дека во иднина овој фестивал ќе има есенска, но и пролетна верзија.“ изјави градоначалникот Сашо Велковски.

На Шоуто за деца „Ѕвездички“ учество зедоа повеќе од 130 дечиња на возраст од 6 до 14 години од двете Основни општински училишта од Свети Николе, „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“, а учесници имаше и од Основното општинско училиште „Даме Груев“ од с. Ерџелија. Жири комисијата имаше навистина тешка задача.

„Интересно и возбудливо е да се работи со деца, во секој случај одлично поминавме иако гласањето беше напорен дел со оглед на тоа дека „нијанси“ во изведбите беа во прашање “ – вели Благојче Стојчевски, претседател на жири комисијата.

Се на се настанот помина одлично, задоволен е директорот на Домот на Културата „Крсте П. Мисирков“ Ангел Банов.

„Децата од основните училишта беа масовно организирани да земат учество на фестивалот. Ние како организатори сме задоволни од реализацијата и крајниот исход“- нагласи Банов.

Шоуто за деца „Ѕвездички“ се одржуваше три дена, во две полуфинални вечери и финале.