Брегалница по хаваријата: Водата во Штип е чиста, се прават уште анализи, а виновникот ќе мора да плати казна

Хаваријата во Брегалница што деновиве се случи кај Штип, кога реката побеле, за среќа бунарите, кои се на повисока кота и од кои штипјани добиваат вода за пиење, ги оставила чисти, а првичните анализи покажале дека немaло последици и врз биодиверзитетот во реката. Ова во петокот го изјави градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој, заедно со заминик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, извршија увид во реката по хаваријата.

– Земени се примероци и се вршат анализи и од водата пред влезот и на излезот од филтер-станицата, како и од водата во мрежата на градскиот водовод. Центарот за јавно здравје и ЈП„Исар“ ги прават анализите и досега не е регистрирано заматување или вода со полош квалитет од стандардниот. Досегашните анализи покажуваат и дека материјата што истекла во реката не е токсична и не предизикала штети ни врз животинскиот и растителниот свет во Брегалница. Сепак, анализите што се’ уште се прават ќе дадат прецизни сознанија. Работата ќе ја истераме докрај, со цел никогаш повеќе да не се случуваат вакви инциденти во Брегалница – рече Бочварски.

Тој соопшти и дека еко-инцидентот бил предизвикан од фирма-транспортер со седиште во Србија која имала договор со „Техникал текстајл“, компанија што работи во ТИРЗ-Штип, за достава на таа течност потребна за производствениот процес во „Техникал текстајлс“.

Заменик-министерот Јани Макрадули рече дека казните за вакви случаи се движеле помеѓу 3.000 и 100.000 евра.

– Државниот инспекторат излезе брзо на терен по инцидентот. Оваа хаварија само ја потврди нашата заложба за брза реорганизација на инспекторатите, за вмрежување на државните и локалните инспектори за да може побрзо и поефикасно да се одговори на предизвиците. Потребна е 24-часовна работа на инспекторатите. Се покажа и дека една законска слабост треба брзо да се менува – една фабрика што се наоѓа во технолошко-индустриска зона сега има обврска да достави елаборат за Б-дозвола што ја добива од Општината исто како и едно кафуле – истакна Макрадули.

Тој нагласи и дека, без разлика што последната хаварија во Брегалница била направена ненамерно, виновникот ќе мора да плати казна.