Супер е, одлично е, многу е убаво, секоја година поубаво … Вакви беа коментарите на оние кои го посетија петиот „Интернационален мото собир“ во Свети Николе.

– Само петнаесет ентузијасти од „Мото клуб Свети Николе“ го организираа ова и благодарение на нив, вечерва сме овде да се забавуваме! Ова беа воведните зборови на Драги Миланов – водителот на настанот.

Над 2.000 моторџии и скоро 11.000 посетители го раздвижија малото градче во Овчеполието. За прв пат оваа година, настанот беше организиран во две дена.

  • Имаме гости од повеќе држави, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Австрија, Грција, Бугарија, но се надеваме дека ќе дојдат и ненајавени, отворено е за сите! – изјави Борче Серафимовски, организатор од „Мото клуб Свети Николе“.

Настанот е од е од значење за Општината, која застана со поддршка на мото собирот.

    • Овој „Мото собир“ за Свети Николе значи многу, токму затоа Општината е покровител на оваа манифестација. Значи голема промоција на градот не само за публиката од Македонија, туку и пошироко. Ова е најголемиот собир на Балканот и им благодарам на ентузијастите од „Мото клуб Свети Николе“ кои се погрижија овој настан да добие ваква димензија, кажа Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

Организаторите на овој мото хепенинг се луѓе со големо срце кои активно се вклучуваат во многу хуманитарни активности, па очекувано и овој настан имаше хуманитарна основа, посветен на прерано починатиот член, Влатко Цветковски – Фафа.

  • Овој „Мото собир“ има хуманитарен карактер и е посветен на една млада личност која трагично го загуби животот пред два месеци во сообраќајна несреќа со мотор. Во негова чест, во негово сеќавање, овој „Мото собир“ е посветен на него – додаде Борче Серафимовски – организатор.

„Громовите на асфалтот“ беа главни, но, за човек да се чуствува безбедно кога е понесен од адреналинот, мора да почитува одредени правила.

  • Потребна е и соодветна опрема: чизми, палто, елек кои се особено важни за возење на подолги стази, надополни посетител од Србија.

Мото случувањето беше подеднакво атрактивно и за љубителите на брзината на две тркала и за вљубениците во пиво и добра музика.

– Ова е преубаво место, прв пат доаѓам овде, но за Свети Николе имам слушано од моите другари, кои претходно го имаат посетувано  „Мото собирот“ – изјави еден од посетителите кој со своето друштво дојде од Србија.

Често народот љубовта кон моторите ја поистоветува со онаа кон пивото, се вели „одат рака под рака“!

– Ние бајкерите не треба да промовираме алкохол и никако не пиеме додека возиме. Пивото е за подоцна.

Пивото „лизга“ во комбинација со музика, па поддршка на настанот дадоа домашни бендови.

  • Ваквите настани се супер за промоција на Македонските бендови, колку повеќе ги има – толку подобро – рече Бранислав Костовски, гитарист во бендот Хот лајн.

А атмосферата дополнително ја вжештија и балкански познати имиња. Ален Исламовиќ видно возбуден уште пред настапот испрати видео порака.

– Драги моторџии, каде и да сте дојдете на големата моторијада, која ќе се случува во Македонија, поконкретно во Свети Николе – стоеше во видеото кое Ален го наснима за потребите на „Мото собирот“.

А Боро Чорба си го одржа минатогодишното ветување,  се врати да го изработи она што лани го почна, но не го заврши поради силниот дожд, кој му пркосеше.

– Времето е убаво, нема да врне и ќе бидеме во „топ“ форма. Ова е фантастичен собир, има над 10.000 луѓе и ќе направиме хаос! – изјави Боро Џорџевиќ, вокалист на Рибља чорба

Висока доза адреналин, пиво, мезе, сето ова збогатено со музичка програма, спакувано во амбалажата на хуманоста, мото собирот во Свети Николе заслужува чиста факултетска десетка!