Рударскиот град, всушност бил фудбалски град. Тоа беше првиот впечаток по манифестацијата, на која Македонска Каменица ја покажа својата друга страна, љубовта за фудбалот од најмаладиот до највозрасниот фудбалер присутни во салата на КУЦ „Романса“. А таму, додека се одбројуваа последните часови од 2018 година, каменичани го славеа фудбалот, па младите фудбалери на ФК „Каменица Саса“ жонглираа со топката со оние кои ја почнаа приказната со клубот, па се надигруваа пред малите голчиња, каде бранеше Томе Петров, струмичанецот, кој 35 години помина во Каменица. За него каменичани велат дека има кога има неодранливи топки, фудбалерите знаат да кажат: „Таа ни Томе не ја брани“. Петров дојде повторно во Македонска Каменица, но да си го прими признанието за својата децениска работа со клубот.

Прославата беше вечер на многу спомени. Се потсетија имињата на славните фудбалери, а акцентот се даде на помладокот, со надеж дека еден ден ќе излезе нов Пандев од Каменица. Меѓу фудбалерите кои ја почнаа кариерата и фудбалски созрееја е и Стојан Игнатов, кому фудбалот му дал многу во животот.

Отворањето на рудникот Саса пред 50 години, работното ангажирање на рударите, ја наметнала и потребата да се оформи фудбалски клуб, каде рударите ќе рекреираат. За кратко клубот станал миленик во градот, а и бренд, по кој се дознало за тогашната рударска наслеба. Прв претсдател на ФК Саса бил генералниот директор на рудникот,  Ангеле Вренцовски кој го формирал клубот под името фудбалски клуб Рудник. Прв секретар на клубот бил Тихоми Георгиевски – Тише, кој сега е во поодминати години и живее во Скопје. Тише на своите фудбалери во салата им се обрати по телефон.

ФК Саса успева да се издигне до шампион на Македонија во натпреварувачката 1991/92, но и сосема да го снема од фудбалската историја, во време кога рудникот престана да работи. Пред шест години, клубот повторно се издига со помош на Општината Македонска Каменица и рудникот Саса. Се сменија приликите во спортот и во клубот, кој сега се бори за опстанок. Актуелниот тренер Добрислав Димовски   по трет пат се враќа во Македонска Каменица, да го води клубот. Само што овој пат, вели дека е најтешко, бидејќи убавите времиња на фудбалот ги нема.

Клубот се возобнови е работи со помош на рудникот Саса и Општината Македонска Каменица. Градоначалничката Соња Стаменкова вели дека и оваа година нема да изостане помошта за клубот.

Надежите се свртени во младите категории на клубот, каде тренираат  околу 100 деца.  Некогашниот македонски шампион кој сега е во Втората  фудбалска лига –  исток за својот половина век постоење доби роденден како да е првак во Лига на шампионите. Од управата на клубот очекуваат стабилизација и резултатско издигнување.