Граѓаните на Свети Николе деновиве учествуваат во неколку процеси, во кои се повикани со свои предлози и коментари. До 16-ти декември тече јавниот увид во Деталниот урбанистички план за Свети Николе. Граѓаните ќе можат да направат увид во графичкиот изглед на ДУП прикачен на огласната табла или електронски на веб станицата на општината.

Граѓаните се дел и од форумскиот процес што се одржува во рамките на Проектниот форум како втора компонента од проектот „Зајакнување на општинските совети“, имплементиран од УНДП, а финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Во понеделник, на 17 декември е закажана четвртата сесија, на која граѓаните преку гласање ќе одлучат кои проекти ќе бидат финансирани од проектниот фонд вреден 50.000 швајцарски франци. На листата на проекти за гласање е реконструкција на градинката, поставување на систем за затоплување во спортската сала „Цар Самоил“, решавање на загревањето во кино салата во Домот на културата, реконструкција на пристапниот мост до училиштето “Кирил и Методиј“, опремување на сензорна соба и медиотека, и адаптирање на училници во мини спортски сали во двете средни училишта, каде наставата по спорт  не може да се изведува.

На вчерашната, трета сесија, беше соопштена веста, дека за еден од предлозите на граѓаните, за изградба на детска градинка во селото Ерџелија е најдено решение. Имено, неделава Министерството за труд и социјална политика соопшти дека ќе ја финансира изградбата на градинката, која ќе згрижува деца и од околните села.